Проектот Интегрирано двојазично основно училиште е дел и резултат од програмата “Дијалог и реконсилијација“ што невладината организација Нансен Дијалог Центар од Скопје започна да ја имплементира во општина Јегуновце во 2005 година. Општина Јегуновце како таргет општина беше избрана бидејќи беше зафатена со вооружениот конфликт во 2001 година и поради етничката поделба во 2002 на учениците Македонци и Албанци од централното основно училиште во с. Шемшово и околните училишта. Со активностите од програмата беа опфатени учениците од 5-8 одделение, нивните родители, наставниците, градоначалникот и членовите на Советот на општина Јегуновце како и претседателите на месните заедници.
Преку дијалог семинари и обуки за комуникација, соработка, толеранција, тимска работа и ненасилно разрешување на конфликти беа создадени услови за отворање на шест кабинети во кои учениците во мешан етнички состав и двојазично ќе посетуваат курсеви по ИТ, англиски македонски и албански јазик.
Употребата на двојазичноста во етнички мешаните групи од курсевите и квалитетот на наставата во курсевите дадоа големи резултати во намалување на меѓу етничките тензии во општината, подобрување на соработката помеѓу родителите и учениците, како и зголемување на знаењето кај учениците. Секоја година курсевите ги посетуваат од 130-150 ученици.
Како резултат на успешното реализирање на проектот со курсевите во 2007 година НДЦ Скопје започна со реализацијата на идејата за отворање на Интегрирано двојазично основно училиште. Во проектот беа опфатени деца кои во септември 2008 година треба за прв пат да тргнат во училиште во прво одделение како и нивните родители. Бидејќи станува за пилoт проект во проектот беа вклучени родители и деца само од 4 села од општина Јегуновце (Ратаје, Жилче, Шемшово и Прељубиште).
Интегрираното двојазично училиште претставува училиште во кое се имплементираат 3 програми наменети за учениците, наставниците и родителите.
Во ИДОУ ”Фридтјоф Нансен” од с. Прељубиште во учебната 2009/ 2010 година има две генерации ученици и тоа по две паралелки во генерација. Вкупно во училиштето има 41 ученик од кои 23 ученика по националност се Македонци и 19 ученика по националност се Албанци.
Наставата во училиштето ја реализираат 4 наставнички од кои 2 се од албанска националност и 2 се од македонска националност, кои покрај редовната настава, ги реализираат и воннаставните активности интегрирано двојазично, заеднички за учениците и од двата наставни јазика.
Училиштето го носи името на познатиот Норвежанец Фридтјоф Нансен поради неколку причини: големината и делата на Нансен кои беа признаени со доделување на Нобеловата награда за мир, идејата за отворање на канцеларијата на НДЦ Скопје произлезе од проектот кој беше креиран во Нансен академијата во Лилехамер, Норвешка, тимовите кои денес работат во целата Нансен мрежа се обучувани во истата академија, а исто така од 2000 година до денес поддршката од страна на МНР на Кралството Норвешка континуирано беше продолжувана, поддршка без која не можеше да се успее и да се реализираат предвидените проекти, на некој начин сакаме граѓаните на Норвешка да имаат чувство дека се дел од овој проект и да бидат горди на овој проект како што вработените во НДЦ Скопје, родителите на учениците и учениците од ова училиште.
Ова училиште спаѓа под ЦОУ "Шемшово" и започна со работа на 1-ви септември 2008 година, а реконструкцијата и доградбата завршија на 15 октомври 2008 кога училиштето официјално беше отворено.
Проектот финансиски е поддржан од страна на Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка. Реконструкцијата и доградбата на училиштето е направена со финансиска помош на МНР на Норвешка преку средства доделени на Владата на Република Македонија – Секретаријатот за европски прашања. Партнери на НДЦ Скопје во овој проект се Министерството за образование и наука на РМ, Бирото за развој на образованието и општина Јегуновце.
Визија
Визијата на интегрираното двојазично основно училиште „Фридтјоф Нансен“ е креирање - создавање на квалитетен и репрезентативен воспитно-образовен модел кој ќе претставува соодветен пример за образование на сите етнички заедници во мултиетнички средини и огледало на идниот современ воспитно-образовен систем во Република Македонија и пошироко. Модел кој ги негува, ги охрабрува и ги интегрира во себе: мултиетничките вредности, двојазичноста, образувањето и надградувањето како на учениците, така и на родителите, вработените и заедницата преку хармонични односи втемелени на почитување на разликите, градејќи притоа едно кохезивно мултиетничко семејство.
Мисија
Мисијата на Интегрираното двојазично основно училиште е градење на современа, успешна, мултиетничка воспитно-образовна установа која ќе обезбеди квалитетно двојазично образование преку воннаставни активности во рамките на образованието. Тим од компетентни и посветени лица кои работат во и за нашето училиште и секојдневно се грижи за непречено и квалитетно образование и воспитување на учениците; разоткривање, поттикнување и истакнување на индивидуалните способности и таленти на секој ученик во атмосфера на истакнати мултиетнички вредности како и за надградување на сопствените знаења, вештини и способности и својот личен и професионален развој; редовно комуницирање и соработување со родителите и семејствата на учениците, со членовите на заедницата, со државните органи и нивните претставници. Училиштето е опремено со најсовремени технички и помошни нагледно - наставни средства со цел обезбедување на квалитетна и успешна работа на училиштето.
Нашето училиште верува во:
![]()
Соработката и дијалогот кои овозможуваат решавање на проблемите и зближување на луѓето
![]()
Почитување на семејствата на нашите ученици и зедниците на кои припаѓаат преку почитување на нивната различна национална и верска припадност, јазик, култура, верувања, обичаи
![]()
Креирање на општество каде сите се еднакво битни и почитувани со негување на позитивни врски со сите припадници на заедницата
![]()
Нашите ученици излегуваат од ова училиште како личности збогатени со вештини и капацитет на знаење со желба да допринесат за споделување на вистинските вредности во општеството како што се почитување на разликите, отворена комуникација, дијалог, толеранција, конструктивност при справувањето со конфликтите и надминување на стереотипите и предрасудите
![]()
Темелите на промената се базираат на креирањето на заедница која учи, се менува и која им овозможува на учениците да ги користат и надополнуваат своите знаења преку следење на вистинските вредности
Со цел исполнување на нашата визија ние изградивме „семејство“ на волшебен триаголник во нашето училиште и нашата заедница:
