2011 | 2010 | 2009 | 2008 | 2007 | 2006

ПРЕС

Денот на судството во сенка на Денот на дрвото

66 години по одлуката на Президиумот на АСНОМ, судството во Македонија е посебна власт независна и самостојна. Толку години судството тежнее да стане и во пракса независно и ефикасно. Европската унија во извештаите редовно испорачува критики за судството, а партиите постојано се обвинуваат кој го партизирал.

Но, и македонските невладини организации кои ги опсервираат судовите, ги повторуваат забелешките- долги притвори во просек од дури 140 дена, ниски казни кои не придонесуваат во превенција на криминалот и корупцијата. Сепак констатирале и одредени подобрувања.

- Во 2010 забележавме голема ефикасност во делот на донесување пресуда (траење на судење) односно во дури 68 % пресуда била донесена во рок од 6 месеци меѓутоа од друга страна, спротивно, останатите 32 % има многу долго траење на постапката. Односно има случаи каде трае и до 6 години, вели, Михаил Готовски, Коалиција сите за правично судење.

Медиумите и оваа година известуваа за недоволно средства за судската власт, блокирани сметки на судови, судски долгови, избор и разрешување на судии по партиски клуч, непотизам, недоволно судска полиција, неколку судии делат еден стручен соработник. Претседателката на највисокото судско тело не се согласува со критиките кои доаѓаат и од внатре и од надвор.

- Можеби вие од надвор не можете да воочите, но ние што работиме, воочуваме промени, еве може да забележите и со новите пакет законски измени, дека имаме пократки рокови за постапување. Самите судии мора да се придржуваат на тие законски рокови. Имате многу вложувања во судството, обновување на згради. Никогаш досега судовите не биле поопремени, смета Александра Зафировска, претседател на Судски совет.

Нејзиниот претходник Грчев пред истекот на мандатот сепак потврди дека притисоци имало и ќе има, но побитно било да се одолее. Има судии што не заслужиле да бидат ниту чистачи, а не пак судии, рече Грчев.

Покрај пакетот реформски закони, власта најавува подобрување на состојбата во судството со осамостојување на судскиот буџет. До 2014 треба да се удвојат средства кои ќе ги добива судството односно за судскиот буџет да се издвојуваат 0,8 отсто од бруто домашниот производ. Владејачката партија предложи и излегување на Маневски од Судски совет за да се обезбеди поголема независност на судската власт.

Денот на македонското правосудство оваа година е во сенка на Денот на дрвото. За разлика од претходно кога се организираа дебати и разни манифестации, неработниот ден ги затвори судовите, а ресорниот министер Маневски одлучи да засади дрво. Следната недела ќе го одбележел Денот на правосудството со промоција на книга за сите достигнувања во судството.

Канал 5, Елена Ивановска - 31.03.2011 година

Тешко се надминуваат слабостите на судскиот совет

Одолговлекување на судските процеси, долгиот притвор и минималните казни се најголемите слабости на македонскиот правсуден систем, сметаат од Коалицијата на невладини роганизации - Сите за правично судење. При следење на 154 судски процеси во повеќе судови, од коалицијата утврдиле дека во земјата нема речиси никаков напредок во судскиот систем и борбата со корупцијата. Околу 40 проценти од осомничените минале повеќе од 140 дена во притвор, што е спротивно на препораките, а една третина од граѓаните за кои се води судски процес пресудата ја чекале и по 6 години.

- Одолговлекувањето е проблем кој сите го знаат, а кога имате од една страна граѓанин, а од друга државен орган, имате нееднаквост на оружјето односно не може да се добијат доволно докази, вели Михаил Готовски, Коалиција – Сите за правично судење

Во случаите за организиран криминал и корупција пак обвинеите добивале минимални казни.

- Доколку во Макеоднија корупцијата е во пораст, тогаш не знам како овие минимални казни би влијаеле превентивно и да не ги прават истите дела, вели Готовски.

Затоа од колаицијата пропорачуваат поголема соработка на истражните органи во предистражната постапка за навремен и ефикасен судски процес. Претседателката на Судскиот совет пак вчера изјави дека изминативе години со големиот број реформи забележан е напредок на правосудниот ситем.

- Имате многу вложувања во судовите, се чека снимање на судските процеси и тоа ќе ги забрза процесите, вели Александра Зафировска, Судски Совет.

Денеска во Македонија треба да се одбелжува денот на правосудството, но поради акцијата за садење дрвца судовите не работеа, а отворениот ден во судовите најверојанто ќе се одржи наредната недела.

Телма, Дејан Ристовски - 31.03.2011 година

Притворите траат предолго, тврдат од "Сите за правично судење"

За Маневски позитивна пресвртница. За невладините застој. Каква е сликата за македонското судство на неговиот 66ти роденден? Министерот за правда смета дека судовите денес се поефикасни, подостапни и потранспарентни во споредба со периодот пред 5 години.

Маневски гледа напредок во бројот на решени предмети минатата година- за 53 % повеќе од 2009та. За 30 % бил намален и бројот на стари, заостанати судски случаи. Легислативата е збогатена за 142 закони. Електронското судство, канцелариите за односи со јавност, системот на кариера, според Маневски се реформи кои и допрва ќе даваат позитивни резултати.

И за претседателката на Судскиот Совет работите одат напред. Но тешко било за оние од надвор да видат, како судството напредува.

Според Коалицијата за правично судење која врши мониторинг на процесите во судовите, работите стојат во место се уште постојат сериозни слабости- Притворите траат долго, истрагите се нецелосни, казните се минимални, добиваат и полаки за непотизам и корупција.

Дел од случаите се завршуваат експресно, но има и такви на кои не им се гледа крајот. За достигнувањата од 2006та до денес но и предизвиците за македонското судство, министерството за правада ќе издаде книга на повеќе од 700 страници. Роденденот на судството ќе се прослави идната недела- денеска се сади иднина а не се дели правда.

Сител, Славица Арсова - 31.03.2011 година

Маневски го заборави денот на правосудството

Состојбата во судството е непроменета. На денот на македонското правосудство судските експерти ги лоцираат истите недостатоци-корупција, притисок, непотизам. Имаме експресни пресуди, но и судења кои траат и по шест години-тврдат од коалицијата на невладини кои надгледуваат повеќе од 150 судски предмети.

Имаме пријави за корупција и непотизам во судството.Граѓаните тешко доаѓаат до правда кога од другата страна е некој државен орган.-велат од Сите за правично судење. Дека имаме неефикасно судство во својот годишен извештај напиша и народниот правобранител.

"Нееднаков пристап кон правдата,селективност при одлучувањето и долги постапки што кај граѓаните создава чувство дека правдата е недостижна" - рече правобанителот.

Судовите денеска не работат. Наместо отчет за состојбата во судството, Маневски на денот на правосудството посади дрвце во Кратово. Од таму најавил дека денот ќе го одбележел идната недела со промоција на книга за успешните реформи во судството.
За реформите во текот на годината судиите си ги кажуваа своето мислење-се жалеа на притисоци, закани,смени.

Алфа ТВ, Пандорче Димитриоска - 31.03.2011 година

Декриминализација на клеветата

Целосна декриминализација на клеветата и навредата и префрлање од кривичниот во граѓанскиот дел - барање на Здружението на новинари. Потребно е да се утврди и ограничување на паричната казна, имајќи во предвид дека енормно високите казни може да доведат и до затворање на медиум, беше речено на трибината организирана од коалицијата "Сите за правично судење".

"Знаеме каква е економската состојба на новинарите, знаме дека работат за потпросечни плати, и сега ако еден новинар е осуден на казна од 30.000 евра, тој малтене треба десет години да работи, да не јаде ништо, да живее од воздух, за да може да ја плати казната", вели Александар Манасиев,

"Самиот новинар, не верувам дека и сега големите казни какви што се за новинарите, мислам дека се големи, а камоли ако се отиде со големи парични казни, кои што ќе значат затворање и на медиумот", рече Агим Мифтари,

Професорот од Правниот факултет, Тупанчевски прецизира дека станува збор за исклучително осетлива материја, имајќи во предвид дека споредните казни за клевета и навреда предвидуваат затворање на медиум и одземање на лиценца што значи директен атак врз демократските процеси.

"Било какво зафаќање во медиумската сфера, би значело на некој начин, ако тоа не биде дозирано, со одредена резерва, атак и врз слободниот израз на мисла, односно слободното уверување. Сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација, кое што би значело директен атак врз демократските процеси на една држава", изјави Тупанчевски, универзитетски професор.

Потребно е товарот на докажување да е на тужителот констатираат во ЗНМ. Барањата за измени во однос на клеветата и навредата, наскоро ќе бидат доставени до Министерството за правда. Останува да се види колку државата е спремна да одговори на предизвикот да ги декриминализира критиката, јавно кажаниот збор.

А1, Миле А. Ристески - 23.03.2011 година

Тркалезна маса за кривичната одговорност во кривичните дела клевета и навреда

Во организација на коалицијата "Сите за правично судење" денеска во Скопје се одржа тркалезна маса на тема "Кривична одговорност во кривичните дела клевета и навреда, со посебен осврт на одговорноста на правните лица". Професорот Никола Тупанчески смета дека казнената одговорност на правните лица се рефлектира врз извршувањето на кривичните дела од страна на медиумите или преку медиумите.

- Станува збор за материја која седум-осум години се применува во Македонија, но од самиот старт се покажаа одредени недоречености. Последните измени и дополнувања на Кривичниот законик од 2009 година, кои стапија во сила во 2010, значат подобрување на законската рамка во примената на казнената одговорност на правните лица, рече Тупанчески.

Посебен акцент, според него, треба да се стави за одредени категории на правни лица, субјекти кои се извршители на кривични дела или врз кои се извршиле кривични дела, посочувајќи на мас-медиумите и политичките партии.Во однос на новинарите, Тупанчески рече дека станува збор за правно лице кое е поврзано со одредбите од Европската конвенција за човекови права со Уставот и етичкиот Кодекс на новинарите.

- Било какво зафаќање во медиумската сфера би значело на некој начин, доколку тоа не биде дозирано и со одредена резерва, атак и врз слободното изразување. Кога станува збор за мас-медиумите треба да се биде внимателен, затоа што сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација која би значела директен атак врз демократските процеси на една држава, додаде Тупанчески. Одоговарајќи на новинарско прашање во врска со измените на Кривичниот законик во однос на медиумите, тој вели дека една од новите казни е одземање и забрана на добивање лиценцна или договор.

- Тоа значи згаснување на работата на некоја новинарска куќа. Доколку судот реши дека таа медиумска куќа или тој правен субјект извршил кривично дело, му стои на располагање инструмент, механизам, значи освен паричната има и осум други казни во Кривичниот закон кои би значеле или привремено или трајно запирање на медиумот. Станува збор за многу сензитивна материја каде при имплементацијата на овие одредби треба да се биде особено внимателен, истакна професорот Тупанчески.

Во контекст на тоа, појасни дека одредбите за кривична одоговорност во однос на индивидуалниот новинарски израз остануваат, за авторот на текстот, главниот уредник, со што покрај кривичната одговорност на медиумот останува како посебна и одоговорноста на новинарот.Здружението на новинари на Македонија, како што рече Александар Манасиев, бара целосна декриминизација на клеветата и преминување на кривичниот дел навреда и клевета од Кривичниот суд во Граѓанското право.

- Оние што ќе се почуствуваат наклеветени и навредени од одреден новинарски прилог, правдата да ја бараат пред граѓанскиот суд. ЗНМ смета дека потребно е ограничување на висината на паричната казна што се досудува. Ако денеска се досудуваат казни од 30.000 евра, утре може лесно да се досудуваат од 100.000, половина милион или милион евра. Знаеме каква е економската состојба на новинарите, многу често работат за потпросечни плати, ако еден новинар е осуден на казна од 30.000 евра, тогаш тој треба да работи 10 години без да јаде ништо за да може да ја плати казната, изјави Манасиев.

Поранешениот судија во Врховниот суд, Агим Мифтари смета дека во ова време е добро е да остане ваквата декриминализација со исклучување на казната затвор. Друг проблем, според него, може да се појави ако се пресудуват големи парични казни, а може да дојде и до затворање на медиумот. За казнено-правната одговорност на правните лица и искуствата од домашната судска практика на денешната тркалезна маса говореше адвокатот Анита Бегова.

МРТ - 31.03.2011 година

ЗНМ бара целосна декриминализација на клеветата

Кривичната пријава за клевета и навреда се повеќе се експлоатира. Од политичари до обични граѓани, сите се користат со оваа алатка доколку се почувствуваат навредени. Поради природата на професијата, новинарите први на удар. ЗНМ бара целосна декриминализација на клеветата, за која знаеме дека се изрекуваа казни тешки и по 30 илјади евра.

- Бараме целосна декриминализација на клеветата и преминување на кривичниот дел на клевета и навреда во граѓанското право, а оние кои ќе почувствуваат наклеветени или навредени од одреден новинарски прилог, правдата да ја бараат пред граѓанскиот суд. Ако денеска се досудуваат казни од 30.000 евра, утре може лесно да се досудуваат од 100.000, половина милион или милион евра - изјави Александар Манасиев од ЗНМ.

Според експертите новинарот претставува правно лице кое е поврзано со одредбите од Европската конвенција за човекови права со Уставот и етичкиот Кодекс на новинарите, и било какво задирање во нивната работа би претставувало атак врз слободното изразување.

- Било какво зафаќање во медиумската сфера би значело на некој начин, доколку тоа не биде дозирано и со одредена резерва, атак и врз слободното изразување. Кога станува збор за мас-медиумите треба да се биде внимателен, затоа што сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација која би значела директен атак врз демократските процеси на една држава - изјави Никола Тупанчевски, професор на Правен факултет.

Според поранешниот судија во Врховниот суд Агим Мифтари, големите парични казни може да доведат до затварање на медиуми.

- Финансиската способност на нашите медиуми отприлика можеме да ја знаеме, таа не е голема и ако се пресудуваат големи парични казни ќе дојде до затварање на медиуми, што претставува друга опасност - изјави судијата Агим Мифтари.

Тркалезна маса за кривичната одговорност во кривичните дела клевета и навреда се одржа во организација на коалицијата "Сите за правично судење".

Сител, Антонио Крстевски - 23.03.2011 година

ЗНМ бара целосна декриминализација на клеветата

Здружението на новинари бара целосна декриминизација на клеветата и префрлање на овие дела од кривичното во граѓанското право.

"Потребно да се ограничи висината на паричната казна што се досудува. Ако денес се досудуваат казни од 30.000 евра, утре лесно би можеле да се досудат казни од 100 илјади, половина милион или милион евра. Знаеме каква е економската состојба на новинарите, многу често работат за потпросечни плати, а ако еден новинар е осуден на казна од 30.000 евра, тогаш тој треба да работи десет години без да јаде ништо за да може да ја плати казната". Ова го изјави Александар Манасиев од ЗНМ на вчерашната тркалезна маса "Кривична одговорност во кривичните дела клевета и навреда, со посебен осврт на одговорноста на правните лица", што ја организираше коалицијата "Сите за правично судење".

"Станува збор за материја која седум-осум години се применува во Македонија, но од самиот старт се покажаа одредени недоречености. Последните измени и дополнувања на Кривичниот законик од 2009 година, кои стапија во сила во 2010, значат подобрување на законската рамка во примената на казнената одговорност на правните лица", рече Никола Тупанчески, универзитетски професор.

Во однос на новинарите, тој посочи дека станува збор за правно лице кое е поврзано со одредбите од Европската конвенција за човекови права со Уставот и етичкиот Кодекс на новинарите.

"Какво било зафаќање во медиумската сфера, доколку тоа не биде дозирано и со одредена резерва, на некој начин би значело атака и врз слободното изразување. Кога станува збор за мас-медиумите, треба да се биде внимателен, затоа што сето тоа може да добие друг контекст или друга конотација, која би значела директна атака врз демократските процеси на една држава", додаде Тупанчески.

Поранешниот судија во Врховниот суд, Агим Мифтари, смета дека во ова време е добро е да остане ваквата декриминализација со исклучување на казната затвор. Друг проблем, според него, може да се појави ако се пресудуваат големи парични казни, при што може да дојде и до затворање на медиумот

Утрински Весник, П. Р. - 24.03.2011 година