Единственото интегрирано мултиетничко училиште во Македонија „Фридтјоф Нансен" е во тетовското село Прељубиште.
Единствено е по целта и начинот на работа: таму и македонските и албанските деца, учат за својата но и за културата на другиот.
Оваа установа е отворена по моделот на основното училиште „Нансен" од Лилехамер, со помош на „Нансен" дијалог-центарот од Скопје.
Малата Сара на својата школска другарка Калтрина и посака "Шум уриме", а Кадрина на Сара „Среќен роденден". И двете на јазикот различен од мајчиниот, си посакаа убави желби.
Вака е речиси секој ден во интегрираното двојазично училиште во Тетовското село Прељубиште, кое е едно од трите во светот од ваков вид.
Тука на дванаесетте Албанчиња, друштво им прават дванаесет Македончиња. Заедно се како едно, сите ги учат нештата својствени за другиот.
Наставниот дел се одвива на македонски и албански јазик одделно, а слободните активности како цртање, боење, раскажување е времето каде јазичните бариери се успешно надминати.
По две години постоење, туѓиот јазик на децата и не им е така туѓ, смета директорот на училиштето Бурхан Ејупи:
-„Децата Албанчиња и Македончињата, знаат некои зборови од, условно да кажеме туѓиот јазик. Албанчињата знаат некој македонски збор, а Македончињата знаат некој збор на албански."
Меџит Емурли и Јовица Мисајлоски, се родители на две дечиња кои учат во ова училиште.
Според нив, вака исчезнуваат стереотипите од етнички карактер и важно им е нивните деца да се запознаат меѓусебно и лесно да комуницираат:
-„Се гледа дека интензивно се дружат. Учат и на училиште и надвор од него комуницираат. Мислам дека во иднина ќе се види дека овој проект е многу важен."
-„Моето како и останатите деца знае албански и сите други деца знаат по некој збор."
Модел за Европа?
Училиштето во Прељубиште е модел за Европа, бидејќи тој степен на толеранција не е постигнат ниту во Норвешка.
Вака директорот на „Нансен“ мрежата Стејнер Брим го искажа своето задоволство од реализацијата на овој проект во Македонија:
-„Училиштето е модел за Европа. Ние во Норвешка би можеле да учиме од него. Во Осло имаме училишта со бели етнички Норвежани, а другите се само со емигранти. Тоа на некој начин е поделба. Децата не учат како да се запознаваат."
„Фридтјоф Нансен" е отворено пред две години. Во модерни училници, секој ден се сретнуваат децата кои сакаат да ги научат јазикот и културата на своето другарче.
Училиштето е изградено со донации на Кралството Норвешка.
Во Прељубиште се планира и изградба на средно двојазично училиште за информатички технологии.
Овие основци ослободени од националните стереотипи, таму ќе можат да го продолжат своето образование.