
Децата ги заучуваат македонскиот и албанскиот јазик преку игра и неформална настава, која се одвива секој ден по завршувањето на редовните часови во првото интегрирано двојазично училиште во тетовското село Прељубиште.
Џагор на првачиња и второодделенци, Македонци и Албанци, кои меѓусебе зборуваат на двата јазика и на секој чекор во училишниот двор, ходник и училници ве поздравуваат со "добар ден" и "miredita" или со "diten e mire" и "догледање".
Ова е секојдневие на Арта, Ангела, Михаела, Мируше, Роберт, Дритон... и на околу четириесет деца што учат во првото интегрирано двојазично училиште во тетовско Прељубиште, каде што употребата на македонскиот и на албанскиот јазик не предизвикува поделба и нетрпеливост, напротив, ги зближува двете заедници.
Во основното училиште во Прељубиште, веќе втора година се спроведува проект финансиран од Министерството за надворешни работи на Норвешка преку невладината организација „Нансен дијалог-центар“, кој докажува дека соживотот во постконфликтните реони може да функционира поинаку. Дека децата најмногу преку образованието може да се интегрираат наместо да се сепарираат и да учат во одделни објекти. Тимот предводен од директорот Сашо Стојковски, кој го спроведува проектот интегрирано двојазично образование, се гордее на постигнатото и нема дилема дека тоа е иднината на образованието во секое мултиетничко општество.
Проект за нова образовна политика, која треба да ги интегрира сите етнички заедници и да ги урива стереотипите, неодамна предложи и ОБСЕ, а зад него, најверојатно, ќе застане и Владата.
НИЗ ИГРА УЧАТ ВТОР ЈАЗИК
Двата јазика децата ги заучуваат преку неформална настава, која се одвива секој ден по завршувањето на редовните часови. Наставничките Елизабета Стаменковска и Линда Јашари преку повеќе секции - етно, истражувачка, уметничка, драмска, математичка, еко и секција за мир и толеранција, ги учат децата да го зборуваат јазикот на другарчињата од другата етничка заедница. Децата заедно цртаат, играат, се интегрираат и ним не им е туѓо ако најдоброто другарче и' припаѓа на другата заедница. Специфично е што на часот нема превод од еден на друг јазик, туку преку парафрази Елизабета ја објаснува Линда и обратно. Со тоа децата истовремено ги слушаат и двата јазика, учат нови зборови и активно учествуваат во наставата.
- Неформалната програма е во корелација со редовната, а се разликува по тоа што се изведува во мешани групи и е двојазична. На пример, децата кога цртаат предмет неколкупати во текот на часот го слушаат името на тој предмет и на македонски и на албански јазик. Така децата го заучуваат вториот јазик. На час по математика ги учат бројките. Преку етносекцијата учат за двете култури, за обичаите, традицијата, носиите. За време на празниците Велигден и Бајрам се посетуваат, за во домашна атмосфера да ги почувствуваат обичаите и тоа што тие го симболизираат. Во училиштето ги прославуваме сите родендени со песни на македонски, албански и на англиски јазик - објаснува Стојковски.
Дека двојазична настава има ефект се увери и екипата на „Дневник“. На часот по драмска секција децата ја изведуваа приказната „Заспаната убавица“. Впечатливо беше што второодделенецот Роберт на прашање на наставничката Линда спонтано и' одговори на албански јазик. Главни ѕвезди на часот, сепак беа двете „самовили“ Мируше и Михаела. Мируше е Ромка, но за мајчин јазик го одбрала албанскиот. Кога ја прашавме која е нејзината улога, весело ни одговори дека е самовила, односно zane.
Дека децата преку интегрираната настава учат едни за други потврда се и ѕидните хамери на кои се претставени македонското оро и албанската шота, народните инструменти, но и ликови од приказните. Децата преку секцијата за мир и толеранција ги запознаваат и подалечните култури како шпанската, јапонската...
Двојазичната настава е предизвик и за наставничките што претходно поминале курсеви по албански, односно македонски јазик, англиски јазик, информатика и двојазична настава.
БЕЗ ФИЛМОВИ ЗА ДРУГИТЕ
Во училиштето тврдат дека двојазичната настава многу им користи на децата, бидејќи на ненаметлив начин го заучуваат вториот јазик. - Второодделенците веќе разбираат што ги прашувам и се трудат да одговорат на јазикот на другиот. Двојазичната настава е корисна не само за децата, туку за целото општество. Моја препорака е таа да се примени и во други училишта -вели наставничката Стаменковска.
Нејзината колешка Јашари вели дека ова и' е прва генерација на двојазична настава и верува дека овој модел може да успее. Убеден во тоа е целиот тим, иако директорот Стојковски вели дека и во почетокот на проектот наишле на тешкотии и недоверба. Тој истакнува дека важно за проектот е што во него активно учествуваат родителите, наставниците и учениците.
- Во почетокот имаше недоверба кај родителите. Постоеше страв и одбивност особено по тоа што се случи во 2001 година. Но, преку разговори ја стекнавме довербата кај родителите. Проектот го прифатија по посетата на едно мултиетничко училиште во Осло, Норвешка. Таму родителите се уверија дека може да функционира двојазичноста, бидејќи видоа дека во училиштето во Осло освен норвешки, се изучува мајчиниот јазик на 34 етнички заедници-вели Стојковски.
Тој се надева ќе бидат надминати одредени предрасуди и стереотипи кои ги имаме едни за други и дека не е добро да се создаваат паралелни образовни системи. Најважно е да се креираат линкови меѓу заедниците, бидејќи во Македонија има 43 општини со мултиетнички училишта каде се употребуваат најмалку два јазика.
- Истражувањата покажуваат дека недостигот од комуникација е еден од главните фактори за појава на предрасуди, стереотипи, или како што народски велиме, да си правиме филмови едни за други. Стравот мора да се разбие преку комуникација, а таа да се негува преку градење доверба, толеранција и преку меѓусебно запознавање - порачува Стојковски
Тој е уверен дека стратегијата на ОБСЕ има реални шанси да се спроведе и веќе упатил сугестии во проектот да бидат вклучени и родителите.
Во Прељубиште од идната година ќе почне да работи и првото средно двојазично интегрирано училиште, во кое ќе има по два класа на македонски и албански јазик. Учениците и родителите ќе решат дали ќе биде гимназија или стручно училиште. Интегрирано основно училиште ќе биде отворено во Теарце, кое најверојатно ќе биде тријазично.
Дали во мултиетничка Македонија ќе заживее новата образовна политика, зависи од политичката волја, но и од поддршката на пошироката општествена јавност. Засега само во училиштето во Прељубиште немаат дилема дека интегрираното двојазично образование е иднината на мултиетничкото општество, а тоа најдобро го отсликува пораката која на ѕидниот хамер ја испишале децата „Можеби сме риби од различен вид, но во ова училиште сите пливаме заедно“.
Мариела Трајковска