
На ден 26.02.2010 год. во подрачното ИДОУ “Фридтјоф Нансен” во с. Прељубиште се одржа работилница “Букет за мама” по повод меѓународниот празник 8ми Март.
На оваа работилница учествуваа 25 мајки и 4 наставнички од ова училиште.
Целта на работилницата е меѓусебно запознавање на мајките од двете етнички заедници, дружење, соработка во смисла на интеракција родител-родител, наставник-родител, надминување на стереотипите и предрасудите кај мајките и помагање во изработките потребни за сценографијата за претстојната приредба.
Целта на работилницата помина во пријатна работна атмосфера.
По повод доаѓањето на Нова година и завршувањето на првото полугодие од оваа учебна година, на 28.12.2009 во ИДОУ “Фридтјоф Нансен” беше организирана новогодишна приредба.
Новогодишната приредба се состоеше од изведба на рецитали и пеење новогодишни песнички од страна на учениците, а беше збогатена со драмска претстава во која учествуваа Дедо Мраз, самовила и кловн кои придонесоа оваа приредба да биде многу по интересна за учениците и нивните родители кои присуствуваа на приредбата.
На крајот од приредбата сите ученици добија по едно новогодишно пакетче од Дедо Мраз, а учениците за возврат му подарија по еден топол бакнеж и прегратка.
Дел од наставниците и родителите на учениците од втората генерација кои учат во интегрираното двојазично училиште во село Прељубиште општина Јегуновце, од 01 до 06 декември 2009 година престојуваа во во студиска посета на Кралството Норвешка.
Целта на посетaта беше родителите и наставниците да се запознаат со образовниот систем на Норвешка, да се разменат искуства како функционираат училиштата, условите во кои работат, квалитетот на наставните програми и вклученоста на малцинските групи во норвешкиот образовен систем.
Групата имаше можност да ги посети основните училиштата “Соре Ал“ во Лилехамер и “Тојен“ во Осло, како и Националниот центар за мултикултурно образование во Осло.
Во училиштето “Соре Ал“ во Лилехамер родителите присуствуваа на еден перформанс приреден од страна на учениците, потоа имаа можност директно да следат дел од реализацијата на наставата, а во продолжение директорката ги запозна родителите со начинот на функционирање на училиштето и со улогата на родителите во ова училиште.
Во основното училиште “Тојен“ во Осло родителите присуствувајќи на дел од наставните часови и од средбата со управата на училиштето се запознаа со најголемото мултиетничко училиште во Норвешка во кое учат ученици од 25 различни етнички заедници. Посетата на ова училиште беше добра прилика да се види како практично се употребуваат двата јазика во наставата – мајчиниот и службениот (Норвешкиот), методите, методологијата и вештините за двојазичност кои ги употребуваат наставниците во работата со учениците.
Дел од наставниците го посетија и Националниот центар за мултикултурно образование во Осло каде што од страна на домаќините беа запознаени со целите на Стратешкиот план како и со начинот и методологијата на операционализацијата на истиот. Тимот на НДЦ Скопје и наставниците ги добија наставните планови и програми кои се применуваат во мултиетничките и двојазични училишта во Норвешка.
Искуството од оваа посета е од големо значење за наставниците, родителите и за идниот развој на проектот “Интегрирано двојазично основно училиште“ што се реализира во општина Јегуновце.