Родители и наставници на учениците што посетуваат двојазична настава во подрачното училиште во тетовско Прељубиште престојуваа една недела во Норвешка за да се запознаат со тамошните образовни искуства. Групата посети три училишта, а во познатата хуманистичка академија „Нансен“ учествуваше на обуката „Дијалог за родители“.
- Ги посетивме училиштата „Соре Ал“ во Лилехамер, „Видерхаим“ во Ојер и „Тојен“ во Осло. Научивме како родителите се вклучени во образовниот процес на нивните деца и за начините преку кои се спроведуваат разни активности, пред сè за надминување конфликтни ситуации кај децата - изјави родителот Арсен Маринковски.
И наставничките што ги учат учениците во Прељубиште имаа можност да се запознаат со методите на работа во училиштата во Норвешка.
- Новина за нас е тоа што во норвешкото образование до 7 одделение не се даваат оценки на учениците, а се врши постојана евалуација на нивната работа во текот на учебната година. Интересен е почетокот на денот во Норвешка, со миниприредба што ја прави едно од одделенијата - изјави наставничката Снежана Мисајлоска.
Родителите и наставниците имаа посебна можност да ја запознаат работата во училиштето „Тојен“ во Осло, каде учениците исто така следат настава двојазично. Големата имигрантска заедница што живее во центарот на Осло своите деца ги испраќа во ова училиште.
- За полесно да го надминат материјалот вработивме наставен кадар што ги обучува учениците на нивниот мајчин јазик. Така, 48 отсто од наставниците одржуваат билингвална настава на вкупно 30 јазици (хинду, свахили, арапски, турски). Целта е учениците да стекнат квалитетно образование, учење на норвешкиот јазик и нивно вклучување во општеството - вели Тор Хелгесен директор на училиштето.
За специфичноста на образовниот систем во Норвешка родителите и наставниците имаа можност да се информираат на обуката во хуманистичката академија „Нансен“ во Лилехамер. Основното образование почнува на 6 години, а трае 7 одделенија. Следуваат три години јуниорско школување и три години средно образование.
- Разликата меѓу Македонија и Норвешка во образованието е тоа што тука, кај нас, повеќе се обрнува внимание на воспитниот процес, отколку на класичното енциклопедиско образование на учениците. Во училиштата повеќе се предава за начините на однесување како поединец и однесувањето кон другите луѓе. Стекнувањето енциклопедиско знаење како географија и математика е ставено на втор план според афинитетите на учениците - објаснува Стајнер Брин, професор на хуманистичката академија „Нансен“
Оваа академија исто така ја отсликува специфичноста на образованието во скандинавските земји. На академијата се одвива неформално образование во текот на една година во три области: уметност, книжевност и општествени науки. Целта е да се овозможи, пред сè на средношколците, на овој начин прецизно да се определат за понатамошните насоки во нивното образование. Престојот на родителите и наставниците во Норвешка го овозможи „Нансен дијалог-центар“ од Скопје, невладината организација што го спроведува пилот-проектот со двојазичната настава во училиштето во Прељубиште. Во двете паралелки во училиштето учат по 12 ученици-првоодделенци на македонски и на албански наставен јазик, а дополнителните наставни активности се изведуваат двојазично.
Александар Самарџиев
![]()