Последни новини во училиштето

Осмомартовска работилница и приредба на учениците по повод празникот на мајките.
Студиска посета на Норвешка со родителите на втората генерација ученици во ИДОУ.
Евроамбасадорот Ерван Фуере во официјална посета на училиштето.

 

 

Дневен весник "Утрински Весник"

(12.12.2008) Првачиња знаат и за „добар ден“ и за „мир минѓеси“

Учат на македонски и на албански јазик, а ги совладуваат и првите зборови од англискиот

ТЕТОВО - За 24 првачиња од Прељубиште и селата Ратае, Жилче и Шемшово не е никаков проблем да учат на македонски и на албански јазик, а истовремено да ги совладуваат и првите зборови од англискиот јазик.

Децата поздравуваат со „добар ден“, „мир минѓеси“ и „гуд морнинг“, а отпоздравуваат со „до гледање“, „прт мир“ и „гудбај“. Во ова тетовско село учениците заеднички ги одбележуваат домашните слави. На родендените, првоодделенец -Македонец посакува „шум уриме“, а обратно „среќен роденден“.

Редовна настава и дополнителна - интегрирана двојазична настава се изведува во подрачното училиште во тетовско Прељубиште, кое е дел од централното во Шемшово. По тримесечно заедничко учење и дружење од почетокот на учебната година, тука не е необично да се слушне разговор и дијалог на два јазика - на мајчиниот и на „туѓиот“. Притоа, децата меѓусебно се разбираат и другаруваат.

Директорот Бурхан Ејупи вели дека е посебно задоволен што токму тој е раководител на подрачно интегрирано двојазично училиште.

„Првачињата се поделени на две паралелки по 12 ученици, а часовите се изведуваат на македонски и на албански. Децата се во целодневен престој, а превозот од нивните села е организиран. Има и редовна и дополнителна настава. Две наставнички ги подучуваат децата на основните хигиенски навики, на мир и толеранција, на екологија, а добиваат знаења и за етно, драмска и уметничка вештина. Децата се учат и на самостојност, почит спрема врсниците, наставниците и родителите“, објаснува Ејупи.

За време на посетата, во училиштето во Прељубиште затековме дел од управата на училиштето, од НВО „Нансен дијалог-центар“ од Скопје, а таму беше и Ева Нигорд, гостинка од Норвешка.

„Доаѓам од Осло. Директорка сум на основно училиште во кое се школуваат деца од 25 етнички заедници. Успеавме да ги интегрираме детските желби и интереси, да ги надраснеме етничките бариери, а тука имаме неизмерна помош од родителите. Во Прељубиште веќе имав можност да ја доживеам средината во која сите се задоволни. Особено децата кои ги прошируваат пријателството и познанството, запознавајќи свои врсници и од околните населби“, вели Ева Нигорд.

Уште од влезот на училиштето во Прељубиште може да се забележи дека тука се случува нешто необично. Таблите се испишани со три различни писма, македонски, албански и англиски, што упатува на интегрирано двојазично училиште. Проектот го носи името на нобеловецот Фридтјоф Нансен од Норвешка. Во внатрешноста на училиштето - извонреден ред и дисциплина.

„Имаме големо разбирање и поддршка од родителите. Децата се од генерациите од постконфликтниот период“, вели наставникот Рујков, редовно вработен во подрачното училиште во Жилче.

Инаку, ова е превентивен пилот-проект со основна цел да се надраснат етничките поделби. Во рамките на меѓудржавната соработка, Владата на Кралството Норвешка ја презема целата грижа до завршување на петто одделение на оваа генерација, односно до 2013 година. За натаму ќе се определуваат сегашните учесници и поддржувачи - Општина Јегуновце, Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и владата на Норвешка.

Гојко Ефтоски

http://www.utrinski.com.mk/?ItemID=1E613DEA758B034285FAA0EC273703F0

Назад кон листата медиуми